Одржана прва Национална платформа за интеграција на Роми во Република Македонија

03.10.2018

На 3 октомври 2018, Кабинетот на Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014-2020,  Аксел Ахмедовски во соработка со Иницијативата Интеграција на Роми 2020 ја организираше првата национална платформа за интеграција на Роми.

Целта на оваа платформа беше да се презентира Извештајот за спроведување на јавните политики за интеграција на Роми за 2017г. и да се воспостави соодветен систем за следење на интеграцијата на Ромите.

Владата на Република Македонија на Четириесет и првата седница одржана на 5 декември 2017 година, ја разгледа и усвои Информацијата за употреба на систем за известување и следење на имплементацијата на јавните политики за интеграција на Ромите во Република Македонија со предлог Образец за известување. Овој Образец веќе втора одина по ред Владата на Република Македонија го доставува до проектната канцеларија на Иницијативата Интеграција на Роми 2020 во рамките на Регионалниот совет за соработка.

Земјите од Западен Балкан и Турција, кои се дел од оваа Иницијативата Интеграција на Роми 2020 еднаш годишно редовно информираат за напредокот и постигнувањата на политиките за Интеграција на Ромите. Ова известувањето е усогласено со извештајот на Европската унија за интеграција на Ромите и се користи во Извештајот за напредокот на земјата во процесот на пристапување  во Европската Унија.

Извештајот за спроведување на јавната политика за интеграција на Ромите во Република Македонија за 2017 година кој денес беше презентиран пред претставниците на граѓанскиот сектор и единиците на локална самоуправа,  ги прикажува активностите преземени во однос на Националните акциски планови во четирите клучни приоритети – Вработување, Домување, Образование и Здравство.

Во рамки на оваа платформа, претставниците на граѓанскиот сектор имаа можност да укажат на недостатоците при процесот на имплементацијата на Националните акциски планови како и да дадат предлози за унапредување на овој процес како и на процесот на следење на самата имплементација.

Платформата претставува отворен дијалог меѓу претставниците на невладиниот сектор, претставници на единиците на локална самоуправа и претставници на институциите.

 

ИЗВЕШТАЈ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЈАВНАТА ПОЛИТИКА ЗА ИНТЕГРАЦИЈА НА РОМИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА 2017

 

Видео од настанот

 

Активности: