Министерот Ахмедовски на тркалезна маса на тема: „Спроведување на Стратегијата за Роми и политиките за вработување“

19.09.2018

Министерот без ресор Аксел Ахмедовски денес учествуваше на тркалезна маса на тема: „Спроведување на Стратегијата за Роми и политиките за вработување“. Имајќи предвид дека Стратегијата за Роми во РМ 2014-2020 година е клучниот и водечки стратешки документ врз основа на кој се креираат политиките за поголема интеграција на Ромите во сите општествени сфери, на оваа тркалезна маса се дикутираше ефектот на политиките и мерките во приоритетните области, нивото на институционална поставеност и координација, како и реализација на политиките за активно вклучување на невработените лица. Министерот Ахмедовски истакна дека Владата на Република Македонија е определена да гради инклузивно општество и се стреми кон целосна социјална инклузија и на граѓаните Роми во Република Македонија.

Клучно е дека постои политичка волја кај новата Влада на Република Македонија, за вистинска имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија и за следење на сите европски препораки, меѓу кои и почитување на Европската Платформа за инклузија на Ромите којашто се однесува на инклузија на Ромите во општествата во земјите членки и земјите кандидати за членство во Европската Унија. Во рамки на своето излагање Министерот без ресор Ахмедовски потенцираше дека фокусот на неговата работа e системско, институционално решавање на проблемите на Ромите во Република Македонија. И покрај различниот пристап и начини на делување, сите ние имаме заедничка цел, а тоа е подобрување на условите за живеење на ромската заедница во Македонија. Оваа дискусија даде можност за рефлексија на сработеното како и на очекуваните предизвици во следниот период. Настанот беше во организација на „Ромалитико“- Институт за истажување и анализи на политики.