Ромската заедница во РМ

Ромите спаѓаат во групата на народи со индоевропско потекло. Етимолошки зборот ‘Ром’ , преведено од ромски јазик, означува ‘човек’ (или во други варијанти ‘маж’ или ‘сопруг’). Други неофицијални (дел од нив и навредувачки и пејоративни) термини со кои се означува оваа група на луѓе се: ‘Gypsy’ (Англиски), ‘Zigeuner’ (Германски), ‘Gitans’ (Француски), ‘Cigány’ (Унгарски), ‘Gitanos’ (Шпански). Меѓутоа, официјалниот назив што стои во документите е ‘Rom’, ‘Roma’, ‘Romani’, а сите други форми, на некој начин, се навредувачки и правно-политички некоректни. Терминот ‘Ром’ како официјален назив на припадниците на оваа заедница е конституиран за време на Првиот Ромски Конгрес на 8 април 1971 година во Лондон. Покрај називот ‘Ром’ на овој конгрес донесени се одлуки за ромското знаме кое се одлучило да биде црвено тркало (ги означува ромските миграции) поставено на основа од сина (означува небо) и зелена (означува трева) боја. Исто така, одлучено било песната “Djelem djelem“ да биде прогласена за ромска Химна и ромскиот јазик да биде официјален јазик на Ромите.

Теориите и истражувањата говорат дека  миграциите на Ромите започнуваат од Северна Индија. Ромските миграции се делат на три групи, односно на Роми кои патувале преку: Персија, Ерменија и Египет. Ромите го населуваат европскиот континент во 15 век. Во периодот на нивните најмасовни миграции, Ромите биле во главно номадски народ кој патувал од едно место во друго, но денес таа слика за ромскиот народ е драстично променета. Денес, Ромите се дел од статичното население на државите во коишто се стационирани. Во Европа денес живеат околу 10 милиони Роми, распоредени насекаде низ европските национални држави. Територијата на денешна Македонија, Ромите ја населуваат во 16 век, за време за отоманското владеење со овој дел на светот. Секако, постојат и теории и верувања дека Ромите ја населуваат Македонија уште во времето на императорот Александар III, кога тие биле дел од ковачите во армијата на Античката Македонска империја.  Во Република Македонија, според последниот попис во 2002 година, живеат околу 53.879 Роми. Ромите претставуваат етничка заедница која културолошки нема своја држава, меѓутоа во правно-политичка конотација може да се рече дека ромскиот етникум е дел од нацијата на државата во која овој народ живее, во смисла на правниот концепт на граѓанство. Па оттука, може да се рече дека Ромите се граѓани на националните држави каде што тие живеат, се образуваат, работат, се во интеракција со останатите граѓани и ги почитуваат правните норми на своите матични држави (во правна смисла на поимот граѓанство).

Ромскиот идентитет и историски особености ги сочинуваат: ромскиот јазик, ромската култура и традиција, обичаите, ромската традиционална облека, ромскиот закон, ромските празници, ромскиот дух (romanipen), ромскиот суд (romani kris).

Најбитен сегмент од ромскиот идентитет е јазикот. Ромскиот јазик спаѓа во индоевропска група на јазици. Ромскиот јазик има своја пишана и говорена форма, и тој има своја граматика.

Најпознати датуми кои ромскиот народ ги празнува, слави и одбележува се: 2 август (одбележување и сеќавање на холокаустот врз Ромите), 16 мај (ден на ромскиот отпор), 5 мај (Еdrlezi), 14 јануари (Валисица) 24 мај (Kali Sara), 8 април (меѓународен ден на Ромите).

Историјата на Ромскиот народ во периодот пред, за време и по Втората Светска војна е најтемниот дел од ромската, меѓутоа и од европската историја. Ромите беа жртви на најголемото масовно истребување и убивање. Ромите, заедно со Евреите, комунистите, хомосексуалците и други групи на луѓе кои не влегувале во концептот на ариевска раса, биле најбрутално убивани за време на геноцидот и холокаустот во периодот на Втора Светска војна. Постојат докази и фотографии кои ги покажуваат начините на убивање и мачење: палење, затворање во гасни комори, „туширање“, пуштање на разни смртоносни отрови, стрелање, вршење медицински експерименти и слично.  Бројот на убиени Роми од овој период изнесува околу 400 000, меѓу кои имало деца, жени и мажи. Иако голем број од доказите за ромскиот геноцид се уништени од нацистичките војници и офицери, сепак постојат голем број на архиви и нацистички кампови (денес музеи) кои го потврдуваат овој тажен дел од ромското минато. Геноцидот врз Ромите се одвивал во десетина последователни вази и чекори кои претходеле на крајниот чин на убивање. Мошне важно е да се напомене дека дел од фазите кои му претходеле на геноцидот, се препознаваат и во политиките на дел денешните европски политички субјетки, но и во голема мера во културата и дискриминаторскиот однос кон Ромите.

Денес, иако Ромите се дел од граѓанството на државите каде живеат, сепак тие се уште се соочуваат со стереотипи, предрасуди, дискриминаторско однесување и политики.

Главни политички и социо-економски проблеми со кои се соочува ромската заедница во Република Македонија, но и во околните држави, се од областите на: образование, домување, вработување, социјална и економска сигурност, општествена еднаквост и еднаков пристап кон општествените добра, здравствена заштита, еднакви можности и еднаквост во граѓанскиот принцип и слично.

Во Република Македонија за Ромите може да се каже дека претставуваат урбано население, со оглед на фактот дек дури 96% од ромското население живее во градовите. А, тоа и го потврдува историската особеност на Ромите, односно желбата да бидат стационирани близу центрите на градовите.

Националните држави не би требало да гледаат на Ромите како на население кое е во постојана миграција и само минува низ нивната територија. Такви миграции се карактеристични за далечното минато на Ромите. Ромите се ‘тука’, остануваат да живеат ‘тука’ и за доброто на сите е да се гледа на Ромите како дел од целокупното население на државите. Во Република Македонија, Ромите претставуваат дел од населението на Македонија. Во овие простори Ромите не се карактеризираат со постојана миграција, туку живеат како статично население кое е доселено уште од 16 век.

Почитувањето на човековите права на припадниците на ромската заедница претставуваат тест кој покажува колку националните држави каде живее ромско население се доследни применувачи на концептите на ‘правна држава’, ‘човекови права’, ‘мултикултурализам’, ‘еднаквост во граѓанскиот пристап’ и слично. За Република Македонија ова почитување и негување на човековите прана на Ромите е битен предуслов за членување во НАТО и Европската Унија. Затоа, од круцијална важност е постоењето на институции и политички субјекти во рамките на законодавната и извршната власт кои работат во насока на подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија. Бидејќи, подобрување на состојбата на Ромите во Македонија би значело обострана корист, и за ромската заедница, но и за државата која се стреми да биде членка на НАТО и ЕУ.