Учество на министерот Музафер Бајрам на национална конференција во организација на граѓанската организација Ромалитико

На ден 19.11.2019 министерот без ресор Музафер Бајрам учествуваше како панелист на националната конференција на тема „Проценка на напредокот на Република Северна Македонија во спроведување на јавните политики кон ромската заедница“ во организација на Институтот за истражување и анализа на политики-Ромалитико.

Тој меѓу другото рече: „Имплементацијата на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Северна Македонија 2014-2020 не беше на задоволително ниво. Секогаш има простор за повеќе да се направи. Владата на Република Северна Македонија е определена да гради инклузивно општество и се стреми кон целосна социјална инклузија и на граѓаните Роми. Клучно е дека постои политичка волја и поддршка кај оваа Влада за вистинска имплементација на стратешките документи за подобрување на состојбата на Ромите но и за следење на сите европски препораки, меѓу кои и почитување на Европската Платформа за инклузија на Ромите којашто се однесува на инклузија на Ромите во општествата во земјите членки и земјите кандидати за членство.

Ромскиот народ во Република Северна Македонија е на добар пат кон подобра интеграција и достоен живот, нашата земја е лидер во спроведувањето на политиките за Ромите во регионот. Меѓутоа и покрај напредокот Ромите се повторно на маргините на ова општество и потребно е многу да се работи за секој Ром живее достоен живот во оваа држава.“