Свечен настан по повод светскиот ден на ромскиот јазик 5 ноември

08.11.2019

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерот задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во нашата земја, Музафер Бајрам на ден 7 ноември се обратија на промоција на „Граматика на современиот ромски јазик“ од авторите Љатиф Демир, Фатиме Демир и Невсија Дурмиш, по повод Светскиот ден на ромскиот јазик – 5 ноември.

Во своето обраќање премиерот Зоран Заев истакна дека една од суштинските димензии на инклузивните општества е толеранцијата, почитувањето и поттикнувањето на културната разноличност.

„Како општество еднакво за сите, се препознаваат, почитуваат и слават повеќекратни и разновидни идентитети. Кога ја славиме различноста и афирмацијата на разликите, создаваме општество на кое му се туѓи дискриминацијата и предрасудите“, рече премиерот Заев и додаде дека „Граматиката на современиот ромски јазик“ е капитално дело што може да послужи како основа во создавањето материјали наменети за училишната практика во образовниот процес. „Конечно, постои потреба и да се креираат позитивни приказни за едно инклузивно општество еднакво за сите и за иднината.

Една таква успешна приказна е „Граматиката на современиот ромски јазик“. Заедно со Речникот на ромски јазик кој е во подготовка, станува збор за публицистички дела кои се темелници на јазичната култура и наука на секоја заедница“, рече премиерот Заев оддавајќи им почит и признание на авторите.

Министерот за задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во нашата земја, Музафер Бајрам истакна дека основните особености на еден народ секогаш биле неговото културно наследство, неговото писмо, и пред сé и над сé јазикот како основно средство за меѓусебна комуникација.

Линк до целосните обраќања: https://www.vlada.mk/node/19428